Saturday, May 25, 2013

Мамурлук



Мамурна
протегам раце
во обид да гушнам
имагинарност
на твојата личност,
да се огледам во
празнината
на твоите очи
додека замислен
лежиш на перница
до мене.
И зелено се смеам.
Ја чувствувам незрелоста
на врвот од јазикот,
сува жед
како последица
на премногу количина
црвено вино.
Голтка по голтка,
водата ми ја гасне жедта
и те гасне тебе
во моите очи.
Се смеам во одразот
на искршеното огледало
и се давам
 во горчливост на кафе
и киселкав вкус
на презреани јагоди.
Се гушкаме со маглата
секое утро..
Утеха за уште една пијана ноќ,
халуцинации од љубов
и горчливо кафе.
Се гледаме..
Јас, Ти
и згужвани соништа
на мојата перница..
Некое друго мамурно утро.

Saturday, May 18, 2013

Пронаогајќи се себеси



Бесрамно ти гледам
во темнината на очите.
И се барам себеси,
во скокотливоста на
твојата сериозност,
грубо ишарана со
насмев.
Бесрамно ровам
низ твоето срце,
рашетувам низ
комори и преткомори,
пулсирам низ твоите вени,
и очајно се барам себеси.
Ти проникнувам во душата.
И во нејзината мекост
барам парче моја грубост,
пресек на нашите соништа.
Те обгрнувам со рацете
и оставам гребаници
на твоите раменици,
со надеж дека
низ крвта
ќе ти исплива мојата доминантност.
Ти влегувам во главата
и во твоите флешбекови
се барам себеси
таму некаде ,
стегната во твоите прегратки.
А ти,
ја спушташ завесата
и не ми даваш да ѕирнам зад кулисите.
Како сега да се пронајдам себеси?

Wednesday, May 8, 2013

Студенило




Запрев таму.
Во преплетот на твојот бесшум
и тропотот на моето срце,
со распарани конци помеѓу
левата и десната преткомора.
Ти си таму на десната,
јас на левата,
контрастно мразејќи се со очи.
Се губиш во моето синило
и чувствувам како ми станува сеедно.
Ми се лади телото.
Ми се скаменува лицето
во безумие на ладна кучка
со интригантен поглед
вешто сокриена под
превез од нишки неверување.
Се гледам во огледало и
чувствувам како
се сушат боите на
испиената младост,
и се претворам во слика
со мрачни тонови
умешно насликана
од Пикасо или Да Винчи.
Барај ме во Лувр.

Monday, May 6, 2013

Луцидност



„Дај веќе да научам да се откажам. Еднаш за секогаш.  Не умеам да направам нешто од ништо. А ти си едно проклето ништо. Само едно срце плус што чука во милијардната толпа. Еден копнеж и луциден сон.  А јас, сонувач. Сонувач на кошмари. Ноќни мори во кој очајно бегам од работ на ножот што ми замавнува пред очи и ми ги електризира нервните завршетоци.  Ми се заканува дека ќе ми го расече срцето, или вените. За да научам што е љубов. А јас знам што е љубов. Синоним на патење. Прецртување нешта од  секојдневието за посветување на значајно внимание на небитни личности. Стекнато со подлост и прикривање зад маски. Глупава претстава. Хумор и сатира, па накај трагедија. Златна средина во ниски вредности. Ниту љубов, ниту сон. Само прикривање. Исплашен си. Никому не го покажуваш ликот. Ниту на огледалото. Во ликот на кукавица, би се изнасмеал и сам на себеси. Ќе ги симнеш замислените крилја на парчето цврста земја, и носот не ќе ти ги пара облаците. Тогаш ќе ти ја срушам гордоста. И ќе ти проникнам во душата. Кармата е кучка, знаеш? Проклета кучка. Имам листа на луѓе што ги заобиколила.
А јас не сум карма. Наречи ме како сакаш. Наречи ме болка. Или патење. Кошмар, можеби.
Само нешто мрачно. Подло, како тебе. Сакам да се видиш во моите очи. Па да ти блицнам остра насмевка. Би ти го извадила срцето, знаеш? Ќе го чувам во тегла. Мораш да ми го вратиш долгот. Ти моето каде го скри? Можеби  ќе го пронајдам низ рововите во твојата душа. За да си го земам назад. И да не го најдам, ништо. Потрошив половина живот учејќи те на љубов. Падна на испитот.
Замисли се сега во шупливиот дел на твојот мозок, за искривената насмевка што ти блеска во темината.Не, не сонуваш. Не можеш да се скриеш во ќошовите на застоена слаткоречивост.
Повредуваш жена- разлутуваш ѓавол.
ХА-ХА.“

Saturday, May 4, 2013

The end




Залудно протегнав раце.
И надежниот поглед
ми заталка во далечините.
Чувствував како го
губам тлото под нозете.
Страв.
Проклето
ми го обвиваше телото
и ми ја затскриваше душата.
Губев.
Сигурно.
Сега, по кој знае кој пат.
Залудно протривав очи.
Црно – бела фотографија
ми бодеше во зениците,
ги прошируваше и стеснуваше,
ми го растреперуваше телото,
и ме распарчуваше.
Буквално.
Фотографија на изминати  години
и тегличе полно сништа.
Залудно потрошени години
и постигнато – ништо.
Маглата ми го затскри погледот,
а во моментот подоцна
можев да се видам себеси.
Раскрвавена,
столчена,
неподвижна..
Мртва.
А толку сакав да живеам.


Thursday, May 2, 2013

Куп нелогичности




Совршеност на
порцеланска замаскираност
грубо избраздена
од  солени капки.
Ноншаланто  слеани
слоеви црна маскара
и прашкасти соништа.
Замаглени погледи.
Сокриени вистини.
А вистината беше тука.
На тацна.
Како и звукот на потпукнување.
Раскршување нечие срце.
Распрснати илузии.
Парченца иситнети души.
Распродадени на пазар.

Аура на бесознание.
Ниту насмевка.
Ниту  солзи.
Само тишина.
И таа издаваше.
Надгласена од
чукање на срце.
Потсетник на животот.
Црвен оквир
на пожолтениот календар.
И точно време
на расипан часовник.
Безвременско залутана.

Куп нелогичности.


Wednesday, May 1, 2013

Назад во реалноста



Никогаш не верував во засекогаш.
Ниту во љубов.
Автограми,
зашивани на нечие срце..
таму во левата преткомора.
Лигави пораки за
добра ноќ,
кои по некоја логика
фрлаа розева прашина
врз мрачните кошмари
и ткаеаја
демек убави сни.
.
Глупости.

На таквите..
Би им дошла на спиење
за да им презентирам бајка
од реалниот им, свет.

Мраз студена вода
ќе им се слизне по лицето,
и сивкаста прашина
ќе им се залепи на трепките..
И ќе  сфатат дека
засекогаш
е само  излитена фора
на патетични парови кои
заситени од бакнување и стискање
творат демек романтика.
.
Современа патетика.
Виртуелна Пепелашка
.
Жалам што ви кршам филм.
Пардон,
бајка.