Sunday, June 30, 2013

Летно



Убаво е
кога јули ќе го дочекаш
со пареа
од врел камиличен чај,
и озарена насмевка
од самотијата
до бескрајот.

Убаво е
кога бикините
ги заменувам
со долги пижами,
расткајувам соништа
од тука
до песочните брегови..

Убаво е кога температурата
ја дразнат
капки летен дожд,
смуртени лица
и отворени чадори..

Изладено кафе
на прозорец,
сув летен ветер
и сиви облаци..

Убаво е,
кога летото ме сака
онолку колку што
јас го мразам.

Thursday, June 27, 2013

Носталгичност





Го грабнувам
замислениот ноември
од јунската тмурност
и го гушкам.

Го држам во прегратки
и му плачам
за изобличеноста
на луѓето..
Седи – му велам,
и му подавам
шолја изладено
ноемвриско кафе.
Си го згорчуваме животот
за да се вклопиме
во пастелот
на денот што доаѓа.
Насмев.
За да го покриеме
идното заминување.

Двајца љубовници
изгубени некаде помеѓу
две изгрејсонца.

Ќе ми недостасуваш – велам,
и гледам како јуни
ми го тегне низ
зраците на пеколно сонце.


Sunday, June 23, 2013

Шаблонски





Кога ќе си го скроиме
животот
по погрешен шаблон,
останува само
да прикрпиме мечти,
кичесто
да ги прекриеме
неубавите детали
во некоја нијанса
на силно портокалово.

Мала апликација
српеста месечина.
Гризната од мраморна ноќ.
Да се сеќаваме дека
дека секогаш
има светло
на крајот од тунелот.

Ги пропуштам
рацете во
скинатите џебови,
го накривувам шеширот
да ја скријам
носталгијата.

Важно е сега,
да се задржиме на шаблонот,
кога веќе не знаевме да живееме
од сни.


Monday, June 10, 2013

Некогаш,некаде




..Под меката такенина
на растегната пижама,
сокриено млитаво тело.
Во него заробена
сиромашна душа
на човек без лице,
на сплотени немири.

Раздразливост.

Модрици.
Гребаници.
Пискот.

Блудно и се предавам на болката.

Те повредувам.
Ме повредуваш.
Низ горделивост
си вдахнуваме живот.

Љубиме.
Некогаш.
Некаде.





Thursday, June 6, 2013

Парче стих




Во ноќите како оваа
можам да скрпам
милион стихови,
родени во универзумот
на мојата нереалност.
Во утробата на градот
каде сомничаво ги спуштам
стапалките
 што ме носат напред
во небиднини
на срушени соништа,
сакам да ти кажам..
Оти луѓето сторија од нас
се
` што не сакавме да бидеме.
Небитни човечиња
во куклената претстава на 21 век,
каде некој друг ни ги држи конците.
Залудно се опиравме ..
Ја гледам црнината
што ми го заматува погледот.
Во погледите на
мутирани материјалисти,
гледам само потсмев.
Не не` сфаќаа.
И ти не ме сфаќаш веќе.
Те купија со несериозност
и сега одиме еден против друг.
Во совршеност на игра
каде ти треба индиферентност
за победа,
и само клик на копчето „продолжи.“

Во свет на егоизам до бескрајот
и назад,
ќе се сокријам
во парче стих.

Sunday, June 2, 2013

Песимизам




Кога денот ќе замине
преку светлоста на уличните канделабри,
можеш да ме најдеш
на улицата без име,
како флуид
растечена низ
сувиот асфалт..
И не прашувај ме ништо.
Ништо не ќе ти кажам.
Остани со мене,
ќе си зјапаме
бесцелно
во фокусот
на црно-белата фотографија
на истргнатиот живот
низ прстите..
И ќе потонеме во кошмари
на изопачен свет,
со изгубени вредности..
Ќе си ги сплотиме дланките
и песимистички ќе кажеме,
оти чашата е полупразна.