Friday, September 27, 2013

Празнотија



Не му дозволувам на болот да ме јаде одвнатре.
а чувствувам како
сум ништожно празна.
На раскрс помеѓу
она што сум
и она што бев.
А бев,
наивност со
младешко лице
и гради полни живот.
Бев..
Веќе не сум.

Се стареело и на осумнаесет,
и староста била потешка
зошто малкуте спомени
ми ги откинале
со грубите раце на ништожност,
и крвнички, со зборови
ми ја распарале душата.
Силно,
до бол!
Громогласна смеа
со лош хорор призвук..
Си го ситат егото
со неисплакани солзи
што се тискаат во очите,
а јас глумам некаква сила
додека сум толку проклето празна.
Не му дозволувам на болот
да ме јаде одвнатре,
а тој одамна ми го свлечкал животот
низ невидливите рани
кои крварат без крв.
Кукла
Со конци
Или без
Сеедно
Празна.




Tuesday, September 10, 2013

* * *



Воведоа нови мерки за време.
И векот одамна имал повеќе од сто години.
А ние не сме старееле
Зошто сме знаеле да љубиме,
Некогаш.
И зошто еден век бил малку
за да ја развее болката
во зрнца песок,
некаде во пустинската тага
на новата Сахара.
Јас сум небаре бедуин,
 ме виткаат пустинските ветрoви
во наметки
поцрни од најцрната ноќ,
за да ме штитат од пеколното сонце
што распламтува стари чувства
и остава нов слој носталгија
на подочници.
Често налетувам на
оази за блуд
што ги залекуваат лузните од недостиг..
Има забранет влез,
оти после повеќе болеле раните.
Небаре некој почитува правила,
сега, кога воведоа нови мерки за време.


Векот одамна имал повеќе од сто години.
А, ние не ќе сме старееле
оти сме љубеле,
Некогаш.

                                                                      

Monday, September 2, 2013

Тогаш врати се


Tогаш кога летото
конечно ќе си ги собере куферите
и ќе го предаде септември
во рацете на раната есен,
тогаш врати се.
Тогаш ќе ми омекне  срцето
небаре пердув,
па лесно ќе пронајдеш слободно место.
Не замерувај ми на солзите,
тоа се само капки студен дожд
што облаците го исплакале
во име на уште една лузна
која ќе ја изрезбариш на срцето.
И нема да ме боли.
Во сржта на жолти лисја
и глуво есенско студенило,
чувствата ми се на рамно
со првите снегови на
планинските врвови.
Ете тогаш врати се,
со шолја изладено кафе
и немирни бакнежи на усните.
Нема ни да ги забележам старите рани.