Friday, November 8, 2013

Оттуѓени



Си ги пакуваш куферите
за полесно да ти заминам од животот.
Се гледаме
со очи вперени во подот,
додека немо говориме за туѓинците
кои ги заземаа нашите места.

Велиш:
Има очи на тврдокорно студенило,
а во нивните агли
крие погледи за некои други светови.
Велам:
Има усни кои љубат излишно,
зборови без смисла
и допири кои не одговараат на моите.

Си ја излеваме горчината
во наноси од отровен прекор,
а часовникот покажува точно време
за да се пуштиме.
Ни испливува рамнодушноста,
додека ти го милувам лицето,
со прсти натопени од очај
за нова љубов.
Ти, носи ги куферите
онаму каде што не оставивме простор за каење.


Friday, November 1, 2013

Судбински погрешно

Се враќаш повторно
со мирис на дамнешна измама.
Проникливост ти виси од трепките
под кои криеш зеници
со лукава намера.
Невроните ми реагираат
на секој твој допир
со кој го опипуваш електрицитетот
што струи помеѓу нас,
небаре тоа било мевлемот
кој го барав во туѓи милувања.
Го рушам  ѕидот
за ти овозможам слободно минување,
додека наивно и сигурно
замижувам пред вистината.
Миговите отчукуваат на невидлив часовник
и останувам само јас,
точка во огромната вселена,
 свесна дека отфрлив многу понудени прегратки
за една лажна насмевка,
и часови со бол што следуваат потоа.

Која е таа храброст
после свесните избори
и мазохистичко самоповредување,
за се` да ја обвиниме судбината
дури и кога одамна
веќе
не веруваме во неа?