Sunday, December 22, 2013

преродба



Се прераѓам
од кожурецот на
маскирана ладнокрвност,
додека рамнодушноста ми испарува
низ порите
на кожава,
така тенка и проѕирна.
Се прераѓам
од утробата на еден суров свет.
Црнилата се рефлектираат
низ зеници
кои молскаат бол,
во одраз на душа
која се грчи и разголува.
Оставете ме.
Нека се дополни мозаикот
на лузните по телото.
Сакам да бидам вистинска,
со сиот живот испишан врз мене,
сиот товар на времето врз плеќите,
ослободена од маски
и светлечки костими
на светот – куклен театар.

Под лушпата на маскирана ладнокрвност
сум осаменик
со живот осуден на пропаст.

Sunday, December 8, 2013

Hello again


Се враќаш
да ги оживееш старите рани.
Заземаш место во секојдневието

со наместена цинична насмевка,
со сеќавања кои ти бледнеат на усните,
а се спремаш за нови походи.
Моето срце одамна остана без својата тврдина.
Кога виореа моите бесови
не беше тука да видиш
како небото се отвораше над мене
за да ја надвладее мојата бура.
Луѓето  бегаа хистерично,
криејќи ги лицата
од острицата на моите насмевки
со страв кои им молскаше од очите
 небаре ќе ми еруптираат затаените болки.
Ти не беше тука да видиш,
како се отвораше земјата
за низ процепите да ги уништи спомените
плашејќи се дека одново ќе ги разбуди моите немири.

Сега стоиш тука,
со вештачка невиност на лицето
и извинувања научени наизуст.
Сигурен ли си дека сакаш да останеш
без страв дека под насмевката

се буди активен вулкан,
можеби на некогашни страсти,
или веројатно
на студена одмазда?

Sunday, December 1, 2013

Гротеска



Се распори небото
и ја истури утробата врз човештвото.
Трулост.
Валкани дождови распослани низ улиците
- лица згадени од самите себеси.
Живот на хорор сценарио
- испишано од треперливи раце
на писател изморен од постоење.
Стојам пред платното со вештачка запрепастеност.
Задоволството се извива во глупава насмевка.
Ги гризам усните.
Ги стискам тупаниците.
Пуштам косата да ми ја покрие
гримасата на уживање.
Глума.
Силно чекорам по калдрмата.
Газам по нечии судбини.
Метафора стисната во пукотините на улицата.
Чувство на превласт.
Светот е мој!
Светот е мој.
Светот е мој..

(Воздишка која се губи на работ од усните)