Wednesday, March 12, 2014

(...)



Ме препознаваш
во денот
што се тутка
под закрила на тмурното небо,
и во немоќ воздивнуваш.

Ми тежи твоето сожалување.

Претурам по џебовите
за да најдам парче изгужвана насмевка,
да си ја наместам на лицето
и така наивно да се насмеам.
Но, тие дишат во празнотија.

Од неодамна,
облаците ми се огледала,
малку им е нерамна површината,
ама во нивните дождови
си ги препознавам солзите.
Воопшто не се невини.
Ниту бистри
и чисти ко планинска роса.
Валкани се.
И по калдрмите истураат црнила.

Внимателно пребираш зборови
со кои би ми пружил утеха,
а помеѓу мене и тебе
растојанието го мерам
во три пати поголеми чекори од обично.


Ти мавтам
со заостанати допири на дланките.

Еј?
Ќе се сретнеме ли повторно,
во пролетта што никогаш не доаѓа?