Friday, May 9, 2014

Туѓо


Оган ми беснее во телото.
Што ако очите ми горат во пламен,
кога душава ми се пеплосува.
Небаре восочна свеќа
си го разлевам битието
врз обичниот свеќник
на кој судбината ме поставила,
цел живот да покажувам туѓи патишта.
Да им бидам светлост
во превез на сопствената темнина..

Цел живот
туѓ ми е светот.
По илјада туѓи патишта тргнав,
а секогаш тука се враќав.
Секогаш со нова лузна
и пак, без спомени, куфери.
Со трпеливост си ја потхранував немоќта,
цел живот чекајќи
на нечии други промени,
на нечии други навики,
на нечии други животи.
Цел живот
во огледалото барав туѓи ликови,
цел живот
небаре наречници ми предвиделе бесмртност.
Сега конечно
оган ми беснее во телото,
но веќе го чувствувам туѓиот здив на смртта
како од мене го влече животот,
ковчестите раце кои ми прават обрач околу вратот.

Залудност.
Ниту последниот здив нема да е мој.

No comments:

Post a Comment