Sunday, August 17, 2014

Тука .. и сега



Со текот на времето
заборавам да ги сакам истите работи.
Овде и сега,
енергијата и ентузијазмот не се обновливи.
Дури горам во слабникавиот пламен
на исцрпувачките навики и
ги вртам педалите на рутината еднакво,
си го раздавам сјајот од очите на случајни минувачи.
Нека мислат дека среќата си ја купувам на кило
и секој понеделник се будам со насмевка како од рекламите,
колку и да е тоа апсурдно,
и по малку смешно.
Нели?

Па,
Си го бојам светот
Со несмасни потези
Безначајност во апстракција
Кога и онака нема што да се каже

Тука и сега,
ги разлистувам старите весници
за да се убедам дека не било вака отсекогаш,
дека различни се барем некролозите
на луѓето што умираат во својата здодевност.

О!
Па бројот е значително поголем,
статистички гледано.

Friday, May 9, 2014

Туѓо


Оган ми беснее во телото.
Што ако очите ми горат во пламен,
кога душава ми се пеплосува.
Небаре восочна свеќа
си го разлевам битието
врз обичниот свеќник
на кој судбината ме поставила,
цел живот да покажувам туѓи патишта.
Да им бидам светлост
во превез на сопствената темнина..

Цел живот
туѓ ми е светот.
По илјада туѓи патишта тргнав,
а секогаш тука се враќав.
Секогаш со нова лузна
и пак, без спомени, куфери.
Со трпеливост си ја потхранував немоќта,
цел живот чекајќи
на нечии други промени,
на нечии други навики,
на нечии други животи.
Цел живот
во огледалото барав туѓи ликови,
цел живот
небаре наречници ми предвиделе бесмртност.
Сега конечно
оган ми беснее во телото,
но веќе го чувствувам туѓиот здив на смртта
како од мене го влече животот,
ковчестите раце кои ми прават обрач околу вратот.

Залудност.
Ниту последниот здив нема да е мој.

Tuesday, April 1, 2014

untitled




Решетки имам на прозорците.
Веќе долго се прашувам
дали од некој вид метал
се исковани,
или едноставно
свеста со мене си поигрува.
Не е ни чудно.
Со недели веќе
креветот ми е уточиште,
и катаден се валкам
со се
` она што се излева од мене,
секој ден – различно.
Ми се лепи на телото
небаре крлушки на риба.
Барем пердуви да беа
Утеха во нив ќе најдев..
Ќе речев
ќе летнам некој ден
олеснета за цел еден живот,
со список заборавени луѓе
зафрлени во џебовите
што никогаш не ги проверувам.
Па и гавран да бев,
ќе речев,
барем птица сум,
ќе летнам еден ден..
Далеку..

Никогаш не дознав колку е тоа далеку.

Но
Халуцинирам веќе долго,
и линијата на (не) реалното
избледнува на хоризнотот.
Само решетките уште се тука.
Секое утро.
Секоја ноќ.

Што ќе ми е календар
кога потсетник на прозорецот имам?


Од метал ли се,
или сама сум ги создала,
од правта на мојата немоќ?
Сама себеси -
и затвореник и чувар.

Wednesday, March 12, 2014

(...)



Ме препознаваш
во денот
што се тутка
под закрила на тмурното небо,
и во немоќ воздивнуваш.

Ми тежи твоето сожалување.

Претурам по џебовите
за да најдам парче изгужвана насмевка,
да си ја наместам на лицето
и така наивно да се насмеам.
Но, тие дишат во празнотија.

Од неодамна,
облаците ми се огледала,
малку им е нерамна површината,
ама во нивните дождови
си ги препознавам солзите.
Воопшто не се невини.
Ниту бистри
и чисти ко планинска роса.
Валкани се.
И по калдрмите истураат црнила.

Внимателно пребираш зборови
со кои би ми пружил утеха,
а помеѓу мене и тебе
растојанието го мерам
во три пати поголеми чекори од обично.


Ти мавтам
со заостанати допири на дланките.

Еј?
Ќе се сретнеме ли повторно,
во пролетта што никогаш не доаѓа?