Thursday, August 29, 2013

Limitless


Сакав да им напишам на кондензираните
стакла на прозорците,
цела приказна.
Да раскажам се`
помеѓу рамките на еден поглед,
на распослани умирања,
на потрошени животи.
Мали беа прозорците,
а јас имав толку многу да раскажам.
И не сакав да штедам на зборови
и букви
во лош ракопис.
Затоа само штуро
со раката
ги избришав и прозорците,
и умирањата,
дури и потрошените животи,
и низ рамките на погледот
прострев соништа.
Многу соништа.
Зошто во сонувањето,
никој не не` ограничува.


Sunday, August 18, 2013

Наопачки свет



Одев долго.
Предолго можеби.
Во некои други времиња.
Наопачки беше светот.
Сонцето изгреваше на запад,
ноќите почнуваа од пладне,
и денот се тегнеше
помеѓу 3 неполни круга
на големата стрелка од часовникот.
И чекорев.
Асфалатот пукаше под моите нозе,
и пушташе да го пробијат
корења на мртви растенија.
Нивните жили ми ја заплеткаа душата
и ме влечеа надолу.
Ме претопија во ужасот
на подземен свет,
за да ги впијам сите негативи,
изронети надежи и
изгазени мечтаења.
Залудно погледот ми бараше
портокалови неба,
кога во тој наопачки свет
дури и соништата беа забранети.

Tuesday, August 13, 2013

Губиме



Губиме. Секогаш. Јас тебе. Ти некоја друга.Таа некој друг.Се губиме во вртлогот на времето.Вчера и денес.
Денес и утре.Од утре до бесконечност.Никогаш нема да се запрам.Никогаш нема да учам на грешки.Ниту на мои, ниту на туѓи.Затоа што знаеш, барем ти знаеш дека простирка ми е наивноста,и дека спијам на грст надежи за подобро утре.Дека секогаш и оставам на тишината залепени белешки на фрижидерот,а мугрите ми ги земаат со потсетување дека тие и припаѓаат на некој друг. А јас нема да се запрам. Ниту вечерва.
Залепените белешки за тишината нека бидат мои стихови. Така се бранам од осаменоста.
Знаеш ли ти колку глупаво чувство е тоа. Верувам дека знаеш. Мора да знаеш. Дознај ако не знаеш.
Ново искуство е тоа. Ти сакаш искуства.
А сакаш ли да губиш? Не верувам. Никој не сака да губи. Кажи ми сакаш ли?
Молчи темнината. И јас молчам. И ти молчиш. Сите молчиме.
Колку е проклета тишината. Циркулира околу нас. Меѓу мене и тебе.  Ни се смее во лице.
Ми виси на трепките уште едно разочарување. Ја изгубив и тишината. Мразам да губам.
Ете сега ви се губам од видикот и јас. И на тебе. И на тишината. И на темнината.
Со полни куфери уредно наредени сеќавања се носам себеси далеку. Си ги закопувам копнежите под ровови од парчиња неверство и одамна изгубени очекувања.  Малку ми се прстите на рацеве за да ти кажам колку имам изгубено.
Знаеш ли дека не запирам? Еве сега одам онаму каде ќе те изгубам од сеќавањата. И ќе залепам нови белешки на фрижидерот на друга тишина. Нови стихови. Се` додека не се изгубам во нов вртлог.
Потоа се одново.

Никогаш не научив на грешките. Ниту на своите, ниту на туѓите.
Се губам себеси.
Повторно.

Wednesday, August 7, 2013

Инстант љубов и инстант смрт



„.. ми даде бакнеж, а примив отров.
инстант љубов  и инстант смрт.“


И во други ноќи како оваа
стиховите на Вртев
во преплет со моите растроени мисли
раскапуваат нови капки крв
од стари рани.
Ниту ѕвездите оваа ноќ
нема да ги избришат
крвавите траги на новите кошули,
оние на кои сеќавањата се капат
во носталгија,
и во џебовите ми оставаат
свилени шамивчиња за утеха.
Омраза.
Во уште пијани ноќи
и болни расекувања
на стакло и младешка кожа,
свежи лузни.
Апстракцијата на формите
ме раскажуваат на јазик
 на коj малкумина го разбираат.
Дојди уште еднаш,
да ме запишеш во преводите
на уште болни љубови.
Наречи ме патетика.

Thursday, August 1, 2013

Она што другите го викаат срце



Дојди на по една чаша
црвено вино,
или крв..
и потврди ми ги сомнежите
Ме разјадуваат
небаре црв
во навидум здраво јаболко.
Дојди да ми раскажеш
како се пронајде
во моите стихови
од насловот
па до последната точка,
кога ми свршуваше инспирацијата
во екстаза на длабока болка 
и нешто што другите го викаат скршено  срце.
Дојди да ми кажеш
дека сум поубава од порано,
како навидум здраво јаболко.
Кому му е гајле за црвот.
Секако ќе го отсече
нож од стисок на нечија рака,
за да му остави траг
идентичен како оној на левата страна
во форма на она
што другите го викаат срце.
Или можеби едноставно,
времето  ќе го раскапе
во куп есенска бесчувстителност.
Или јаболкови лисја.