Wednesday, July 24, 2013

Сеќавања



Секогаш кога сеќавањата
ќе пронајдат начин да
ги раскажам помеѓу наводници,
тогаш кога полната месечина
распостила слаба светлост
на твојата страна од креветот
каде што те гледам небаре низ магла,
утрото ќе протстре зраци сончевина
бркајќи те низ клучалката..
Дури и пајакот во ќошот над креветот
го слушнав како воздивна..
Моето  штуро „остани“ продолжи
да виси во непријатната тишина,
и солзите ми пронајдоа пат
за да ја наводенат перницата.
Сонот  разбранет од
горчливост на невкусно утринско кафе,
слики предадени низ неубав ракопис..
Снемав и мастило.
Не грижи се,
ќе те чекам и следната полна месечина.


Tuesday, July 23, 2013

Шепот



Сакав да им дошепнам на небата
дека лузните извиени долж моите раце,
преставуваат само отпор
на самотијата што се свива над мене,
и ме расплакува секогаш кога има полна месечина.
Сакав да им дошепнам дека
никогаш не сум страдала за љубов,
дека успевам да им избегам на сеќавањата
точно на последната минута од филмот
што раскажува приказна налик нашата,
дека успевам да го изгаснам радиото
токму на првата секунда од нашата песна,
дека успевам да го расклопам чадорот
точно навреме под блуткавите солзи на облаците,
дека успевам да го развлечам насмевка
токму кога свртувам на аголот во твојата улица.

Сакав да им дошепнам
дека единствено никогаш не успеав  да го поправам
часовникот на преболување,
а не најдов ниту времеплов за да поитам во иднината.
И дека, дури вчера слушнав
оти тетоважата на левиот дел од градниот кош,
била трајна.


Thursday, July 18, 2013

Спомени



Уште една навидум мирна ноќ,
го спушти превезот на безгласна тишина
преку мене,
извивајќи ми го телото
под притисок на остра болка,
немилосрдно измачување
под сечилото на недостигот.
Се кршев, ти велам,
небаре немав коски во телото,
божем се имав престорено
во лигава материја
со одвратно чувство на самотија.
Тишината ја снемуваше по рабовите
на изобличени вресоци од бол,
додека ме виткаше минатото
во ролна од сеќавања
обесувајќи ми картичка на вратот
за да никогаш не го  заборавам..
Претставата траеше додека
последната ѕвзеда не изгасна од небото.
На крајот..
Облаците размачкаа
валкани дождови на улиците,
за да не приметат мугрите
дека ноќите сеуште ми носат спомени на Тебе.



Friday, July 5, 2013

...



Грубо бираш зборови
од речници
со три прста прашина,
за да соопштиш грозоморни вистини
кои  го расекуват океанот
на плима и осека,
и низ процепот меѓу небото и облаците
лажно утешуваш
испиени лица
дека утре ќе биде подобро..
Премногу драматично.
Како инаку..
Си задоволуваш каприци
хранејќи си го егото
со несреќите на расштраканите
главни и споредни улоги
на платното од сликарот
кој живее во минатото..
Подзапираш да го погледнеш
во очите,
конечно,
и му ја гледаш судбината
истисната низ солзите..
Брчките ткаат приказна
низ годините,
а ти сега сфаќаш
дека сите уметници бараат инспиративност..
растргната низ недостигот и тагата,
таму некаде
, блиску
До болката.

Thursday, July 4, 2013

Заборав



Десетина згужвани автобуски карти
од тука до Незнамкаде,
за да прострам сеќавањата
помеѓу интимните допири
на небото со облаците,
отсутно насликано низ
извалкани стакла.
Куп мечти
проткаени низ сноп светлина
протната низ ролетните
во доцно есенско утро..
Тивко се довикуваме
низ гласната тишина
со занемени усни
заспани на подзаборавени бакнежи..
Гребам
по ѕидовите на балонот
наречен недостиг,
додека низ свртениот грб
го спознавам крајот и тапата болка.
Најавната шпица воедно означува крај,
а радиото ми емитува непознати фрекфенции..
Ме држи за рака тишината
под наклонетите гранки на липите
,
додека барам нови улици
каде испуканиот асфалт
нема траг од наши стапала.

Го гледам заборавот
затскриен позади ѕвездите,
и брзам..
Брзам за да го стигнам.