Sunday, February 23, 2014

Утринска


Во поспаните мугри на градот
единствени будни сме,
со мислите
и пижамите
развлечени од носење.
Инсомнија.
И секое утро
во истото време
го судирам погледот
со неговите магливи очи,
- полека мижурка
пред првиот зрак сонце,
и со кренати раменици
кревам бело знаменце.
Прстите ми се осетливи
на разочарувња,
па внимателно ги собирам
остатоците од некои минати времиња
распослани на балконот.
Потоа му го свртувам грбот на градот
и бегам од светлината на денот,
но, тој знае,
за нас
свртениот грб никогаш не значи крај.
Животите,
сведени ни се одамна,
само на одење и враќање.


Со шепот те довикувам
Знаејќи дека можеш да ме слушнеш. 

Стави ми, само
половина лажиче шеќер во кафето,
и онака животот ми е горчлив.

Tuesday, January 28, 2014

(не)признавање



Секојдневно,
нашите утра искапени во тмурност
завршуваат на отворен прозорец.
Нашите мисли се судираат
со бариерата на перцепцијата.
Залудно ми го следиш погледот,
Никогаш нема да ги видиш врвовите
на осаменоста
на кои ги положувам изморените очи.
Не смееш да ги видиш!
Откровение на потиснатите мисли.
Се плашам од слободата што си ја давам..
да ги извадам од длапките,
да ги наредам пред себе
и темелно да ги разгледувам.
Суицидалноста што се се јази на облаците
се издига
највисоко од сите,
ги полни градите со воздух,
и не издишува,
туку расте.

Секојдневно.

На последната голтка
од горчливото кафе,
си ја голтам и слабоста.
Низ воздишка ја бркаш љубопитноста.

Едно „зошто сме се`уште заедно“
без прашалник
виси во воздухот.
За да ја прикриеме осаменоста.
Знам јас.
Знаеш и ти.


Но, молчиме.
Во грутки заборав ја толчиме,
стварноста.
Нас,
уште од раѓање не капеле во гордост.

Sunday, December 22, 2013

преродба



Се прераѓам
од кожурецот на
маскирана ладнокрвност,
додека рамнодушноста ми испарува
низ порите
на кожава,
така тенка и проѕирна.
Се прераѓам
од утробата на еден суров свет.
Црнилата се рефлектираат
низ зеници
кои молскаат бол,
во одраз на душа
која се грчи и разголува.
Оставете ме.
Нека се дополни мозаикот
на лузните по телото.
Сакам да бидам вистинска,
со сиот живот испишан врз мене,
сиот товар на времето врз плеќите,
ослободена од маски
и светлечки костими
на светот – куклен театар.

Под лушпата на маскирана ладнокрвност
сум осаменик
со живот осуден на пропаст.

Sunday, December 8, 2013

Hello again


Се враќаш
да ги оживееш старите рани.
Заземаш место во секојдневието

со наместена цинична насмевка,
со сеќавања кои ти бледнеат на усните,
а се спремаш за нови походи.
Моето срце одамна остана без својата тврдина.
Кога виореа моите бесови
не беше тука да видиш
како небото се отвораше над мене
за да ја надвладее мојата бура.
Луѓето  бегаа хистерично,
криејќи ги лицата
од острицата на моите насмевки
со страв кои им молскаше од очите
 небаре ќе ми еруптираат затаените болки.
Ти не беше тука да видиш,
како се отвораше земјата
за низ процепите да ги уништи спомените
плашејќи се дека одново ќе ги разбуди моите немири.

Сега стоиш тука,
со вештачка невиност на лицето
и извинувања научени наизуст.
Сигурен ли си дека сакаш да останеш
без страв дека под насмевката

се буди активен вулкан,
можеби на некогашни страсти,
или веројатно
на студена одмазда?