Thursday, July 18, 2013

Спомени



Уште една навидум мирна ноќ,
го спушти превезот на безгласна тишина
преку мене,
извивајќи ми го телото
под притисок на остра болка,
немилосрдно измачување
под сечилото на недостигот.
Се кршев, ти велам,
небаре немав коски во телото,
божем се имав престорено
во лигава материја
со одвратно чувство на самотија.
Тишината ја снемуваше по рабовите
на изобличени вресоци од бол,
додека ме виткаше минатото
во ролна од сеќавања
обесувајќи ми картичка на вратот
за да никогаш не го  заборавам..
Претставата траеше додека
последната ѕвзеда не изгасна од небото.
На крајот..
Облаците размачкаа
валкани дождови на улиците,
за да не приметат мугрите
дека ноќите сеуште ми носат спомени на Тебе.



No comments:

Post a Comment