Thursday, July 4, 2013

Заборав



Десетина згужвани автобуски карти
од тука до Незнамкаде,
за да прострам сеќавањата
помеѓу интимните допири
на небото со облаците,
отсутно насликано низ
извалкани стакла.
Куп мечти
проткаени низ сноп светлина
протната низ ролетните
во доцно есенско утро..
Тивко се довикуваме
низ гласната тишина
со занемени усни
заспани на подзаборавени бакнежи..
Гребам
по ѕидовите на балонот
наречен недостиг,
додека низ свртениот грб
го спознавам крајот и тапата болка.
Најавната шпица воедно означува крај,
а радиото ми емитува непознати фрекфенции..
Ме држи за рака тишината
под наклонетите гранки на липите
,
додека барам нови улици
каде испуканиот асфалт
нема траг од наши стапала.

Го гледам заборавот
затскриен позади ѕвездите,
и брзам..
Брзам за да го стигнам.


No comments:

Post a Comment