Tuesday, August 13, 2013

Губиме



Губиме. Секогаш. Јас тебе. Ти некоја друга.Таа некој друг.Се губиме во вртлогот на времето.Вчера и денес.
Денес и утре.Од утре до бесконечност.Никогаш нема да се запрам.Никогаш нема да учам на грешки.Ниту на мои, ниту на туѓи.Затоа што знаеш, барем ти знаеш дека простирка ми е наивноста,и дека спијам на грст надежи за подобро утре.Дека секогаш и оставам на тишината залепени белешки на фрижидерот,а мугрите ми ги земаат со потсетување дека тие и припаѓаат на некој друг. А јас нема да се запрам. Ниту вечерва.
Залепените белешки за тишината нека бидат мои стихови. Така се бранам од осаменоста.
Знаеш ли ти колку глупаво чувство е тоа. Верувам дека знаеш. Мора да знаеш. Дознај ако не знаеш.
Ново искуство е тоа. Ти сакаш искуства.
А сакаш ли да губиш? Не верувам. Никој не сака да губи. Кажи ми сакаш ли?
Молчи темнината. И јас молчам. И ти молчиш. Сите молчиме.
Колку е проклета тишината. Циркулира околу нас. Меѓу мене и тебе.  Ни се смее во лице.
Ми виси на трепките уште едно разочарување. Ја изгубив и тишината. Мразам да губам.
Ете сега ви се губам од видикот и јас. И на тебе. И на тишината. И на темнината.
Со полни куфери уредно наредени сеќавања се носам себеси далеку. Си ги закопувам копнежите под ровови од парчиња неверство и одамна изгубени очекувања.  Малку ми се прстите на рацеве за да ти кажам колку имам изгубено.
Знаеш ли дека не запирам? Еве сега одам онаму каде ќе те изгубам од сеќавањата. И ќе залепам нови белешки на фрижидерот на друга тишина. Нови стихови. Се` додека не се изгубам во нов вртлог.
Потоа се одново.

Никогаш не научив на грешките. Ниту на своите, ниту на туѓите.
Се губам себеси.
Повторно.

2 comments:

  1. Премногу се пронаоѓам во текстов. Просто ме остави без зборови! :) Само што кај мене надежта се уште не е умрена.

    ReplyDelete