Monday, May 6, 2013

Луцидност



„Дај веќе да научам да се откажам. Еднаш за секогаш.  Не умеам да направам нешто од ништо. А ти си едно проклето ништо. Само едно срце плус што чука во милијардната толпа. Еден копнеж и луциден сон.  А јас, сонувач. Сонувач на кошмари. Ноќни мори во кој очајно бегам од работ на ножот што ми замавнува пред очи и ми ги електризира нервните завршетоци.  Ми се заканува дека ќе ми го расече срцето, или вените. За да научам што е љубов. А јас знам што е љубов. Синоним на патење. Прецртување нешта од  секојдневието за посветување на значајно внимание на небитни личности. Стекнато со подлост и прикривање зад маски. Глупава претстава. Хумор и сатира, па накај трагедија. Златна средина во ниски вредности. Ниту љубов, ниту сон. Само прикривање. Исплашен си. Никому не го покажуваш ликот. Ниту на огледалото. Во ликот на кукавица, би се изнасмеал и сам на себеси. Ќе ги симнеш замислените крилја на парчето цврста земја, и носот не ќе ти ги пара облаците. Тогаш ќе ти ја срушам гордоста. И ќе ти проникнам во душата. Кармата е кучка, знаеш? Проклета кучка. Имам листа на луѓе што ги заобиколила.
А јас не сум карма. Наречи ме како сакаш. Наречи ме болка. Или патење. Кошмар, можеби.
Само нешто мрачно. Подло, како тебе. Сакам да се видиш во моите очи. Па да ти блицнам остра насмевка. Би ти го извадила срцето, знаеш? Ќе го чувам во тегла. Мораш да ми го вратиш долгот. Ти моето каде го скри? Можеби  ќе го пронајдам низ рововите во твојата душа. За да си го земам назад. И да не го најдам, ништо. Потрошив половина живот учејќи те на љубов. Падна на испитот.
Замисли се сега во шупливиот дел на твојот мозок, за искривената насмевка што ти блеска во темината.Не, не сонуваш. Не можеш да се скриеш во ќошовите на застоена слаткоречивост.
Повредуваш жена- разлутуваш ѓавол.
ХА-ХА.“

No comments:

Post a Comment